Иако ранет успева да го направи најспектакуларното бегство од земјата во целата историја на СССР.
Пред нешто повеќе од 30 години во Турција се спушта советски авион-ловец од типот МИГ-29, кој во тоа време важи за една од најсовршените воени машини. Во него се наоѓаше ранетиот воен пилот кој припаѓаше на првата класа пилоти, Александар Зуев. Ваквото бегство и ден денес важи за едно од најспектакуларните бегства од земјата во историјата на СССР.
Во 1982 година, Александар Зуев ја завршува Армавирската виша воена школа за пилоти. Уште во тоа време бил голем потенцијал, за што зборува фактот што веднаш по летањето со авион од типот МиГ-23М е еден од првите кои го доива новиот МиГ-29.
Бил многу успешен во професионалната кариера, меѓутоа исто така имал доста проблеми кога станувало збор за приватниот живот. Често запаѓал во конфликти со сопругата, чиј татко имал висок чин во военото воздухопловство. Поради притисокот и проблемите што ги имал со тек на време Зуев се препуштил на алкохолот. И покрај неговите барања за отказ, командата не го дозволувала тоа. Подоцна во своите мемоари Зуев пишувал дека бегството го извршил поради разочарувања од советскиот државен поредок, а не поради натрупаните семејни проблеми. Наводно (како што самиот кажувал) чашата се прелила поради растурањето на опозицискиот митинг кој бил одржан во Тбилиси 1989 година месец април, кога животот го загубиле 21 лице, а речиси 300 други биле повредени.
Колегите подоцна кажувале како Зуев од секогаш се интересирал за животот на Запад и како тој воопшто не го криел тоа. Дури во една прилика и му предложил на свој другар да грабнат два авиона и заедно да побегнат од земјата, по што тој на ваквата идеја само ставил прст на слепоочницата и завртел со раката.
Зуев имал 27 години кога на 20 мај 1989 година примил дежурство во воздухопловната база позиционирана во грузискиот град Сенаки, каде што ги пречекувал и испраќал авионите. Пред тоа тој на своите колеги им соопштил дека добил дете, што не било точно, затоа што неговата сопругата сé уште била бремена. На дежурство се појавил со торта што ја направил сам, додавајќи во истата поприлично голема количина седативи кои ги набавил од аптека. Кога офицерите биле заспани поради дејството на седативите, тој ја остварил својата замисла.
Најпрвин ги пресекол каблите на алармните уреди и комуникации. Потоа се упатил кон пистата со авионите. Стражарот во еден момент се обидел да го спречи, по што следувала кратка борба кој се завршила со истрели. Зуев го ранил војникот и скокнал во авионот-ловец. Пред целосно да изгуби свест, стражарот успеал да истрела неколку куршуми кон бегалецот, ранувајќи го во раката и нанесувајки му помала повреда на главата. Иако ранет, Зуев го подигнал МиГ-29 во воздух и се обидел со стрелба да ги уништи сите преостанати авиони кои се наоѓале во базата, но ваквиот план не му успеал во целост. Веднаш по ваквата акција, го насочува својот авион во правец кон Турција.
По спуштањето на аеродромот во Трабзон, се претставил како државјанин на Соединетите Американски Држави, надевајќи се дека набрзо по ваквата изјава ќе го посети некој од американската амбасада.
Американците во тоа време не успеале да ја искористат ваквата можност и да го проучат советскиот новитет, а причина за тоа е што Турција авионот веднаш го вратила на Советите, не сакајќи да го расипат односот со СССР.
Набрзо по ваквиот настан во Турција бил поведен судски процес во кој пилотот Александар Зуев е ослободен од обвинението, за кратко потоа да добие политички азил во САД, каде што ги напишал мемоарите за своето бегство, исто така станува воен консултант и тестира советска техника.
Сепак ваквиот сакан живот на Запад не траел долго. Во својата четириесета година Зуев го загубил животот при пад со советски школски авион од типот Јак-52 на подрачјето на Сиетл. Постои засега не потврдено мислење дека ваквата смрт не била ни малку случајна.